Да се мисли во лош свет (2)

06.08.2026 17:30
Да се мисли во лош свет (2)

 

Политиката како поаѓалиште

Да се тврди дека ангажирањето во мислењето се сведува на соочување со едно етичко прашање и дека обликот на теориската дејност мора да се определува во однос на светот и дејството што таа го произведува во него, значи дека не можеме најнапред да ги прифатиме воспоставените облици на научната и културната дејност, да ги преземеме како дадени, а дури потоа да се прашуваме како да учествуваме во преобразбата на светот. Не треба да тргнуваме од научните и културните институции такви какви што функционираат, па потоа да се прашуваме како, врз таа основа, јас можам да се ангажирам. Напротив, мора да тргнеме од барањето за создавање еманципаторско знаење, за потоа да се запрашаме какво сфаќање на животот на авторот, какво сфаќање на практиката и какво сфаќање на теоријата мора да произлезе од него. За да го определиме обликот што ќе го добие нашата дејност, мора да започнеме од етичката грижа. Политичкото прашање се поставува ex ante, а не ex post.

Со други зборови, мораме да бидеме внимателни кон пристапите што расправата за односот меѓу авторот и светот ја сведуваат на прашањето за „употребата на знаењето“, „интервенцијата“ или „проширувањето на истражувањето“ (според формулации што имаат свои еквиваленти и за писателите или уметниците). Зашто, да се пристапи кон проблемот на тој начин значи да се постапува како правилата на производството на знаење и теорија да се однапред дадени ентитети што ми се наметнуваат, а мојата потчинетост на нив да не биде предмет на политичко промислување. Но, спротивно на она што го сугерира оваа реторика која го деполитизира знаењето, политичките прашања не треба да се поставуваат дополнително. Тие мора да бидат присутни уште на самиот почеток на секое интелектуално занимавање и да бидат вградени во самото обликување на научната субјективност.

Теоретичарите на Франкфуртската школа веројатно ги понудија најзначајните – и најубавите – анализи на ова прашање.

Оваа книга може да се чита како постојан дијалог со нив и поаѓајќи од нив. За мене не станува збор само за „реактуализација на нивното наследство“, според вообичаената формула. Пред сè станува збор за оживување на нивната дестабилизирачка сила и на нивната вера во критичката мисла. Би сакал да се обидам да го извлечам читањето на овие теоретичари од деполитизирачките рамки што пречесто им се наметнуваат, иако токму функцијата на нивните текстови беше да ги нарушат тие рамки. Нивните текстови се обидоа да ги доведат во прашање темелите на традиционалниот академски живот. Сепак денес тие во голема мера се третираат како предмет на коментари и на „епистемолошки“ или „методолошки“ расправи што се водат токму во рамките што тие сакаа да ги надминат. Тоа значи дека е потребен дополнителен напор ако сакаме навистина да ги извлечеме последиците и крајните заклучоци од она што ни го кажаа. Постои начин да се изрази согласност со Франкфуртската школа кој воедно претставува и нејзино предавство: кога ја изразуваме таа согласност во рамките од кои тие сакаа да нè ослободат и кога не ги извлекуваме практичните последици, туку остануваме на апстрактно рамниште. Тоа што во ова изложување повеќепати ќе им се навраќаме на овие теоретичари секако укажува на важен факт, имено на логичката кохерентност на етичките преиспитувања.

Во различни свои текстови Адорно и Хоркхајмер инсистираат дека, ако научните и академските институции не ги подложиме на политичка критика, тогаш ги преземаме нивните облици такви какви што се изградиле низ историјата и механички учествуваме во репродукцијата на системот. Тие исто така покажуваат до кој степен во основата на традиционалната епистемолошка проблематизација се крие еден вид психолошка анксиозност. Епистемологијата исполнува психолошка функција: таа служи како бегство од етиката.

Хоркхајмер оди дотаму што тврди дека концептуалната конструкција која ја отфрла важноста на политичката критика на науката во име на нејзината автономија, ограничувајќи се само на епистемолошки и научни прашања, им овозможува на авторите да не се соочат со непријатноста што нужно ја чувствуваме кога пишуваме и кога мора да се запрашаме која е смислата на она што го правиме.

Хоркхајмер ја критикува „традиционалната теориска мисла“ – притоа мислејќи на Макс Вебер – која „практичната примена на концептуалните системи“ и „сопствената улога во praxis-от“ ги смета за „фактори што ѝ се надворешни“. Според него, гестот што ги спротивставува „вредноста и истражувањето, знаењето и дејствувањето итн.“ претставува операција на „откажување“, чија функција е научникот да биде поштеден од искуството на „противречноста“ својствено за неговата положба.

Но, не станува збор само за психолошки проблем. Тоа е политички проблем. За Хоркхајмер повикот на научникот „е [политичка] борба, во која неговата мисла е еден од факторите, а не мисла како самостојна дејност што би можела да биде издвоена од таа борба“.³ Бидејќи живееме во неправеден свет што мора да биде предмет на критика, не постои неутралност. Оттука истражувачот кој се повлекува зад идејата за неутралност и не се прашува какви облици треба да добие неговото истражување ако сака да придонесе за создавање свет со помалку нееднаквости, всушност се откажува од можноста да живее етички живот: „Науката што себеси се замислува како самостојна, која смета дека воопшто не е нејзина одговорност да ја обликува практиката чиј дел е, на која ѝ служи и која се приспособува на дихотомијата меѓу мислата и дејствувањето, веќе со самото тоа се оттурнала од вистинските човечки вредности.“

Кога истражувачот или интелектуалецот верува во „автономно“, „надопштествено“ знаење, кое лебди над сите случајности, кога не прифаќа дека „важноста на неговата дисциплина за општеството влијае врз стварноста на неговата работа“, тогаш самиот се осудува да прифати научна практика која е дел од производството и одржувањето на системот. Следствено, прифаќа неговата теорија да биде само „запчаник во механизмот веќе ставен во движење“. „Научникот и неговата наука се интегрирани во општествениот поредок, а позитивните резултати од научната работа се фактор на самоодржување и трајно обновување на општествениот поредок.“

Адорно ќе го изрази истото гледиште. Повикувајќи се на Марксовото дело, кој, според него, „ја критикувал поделбата меѓу науката и политиката“, тој остро ја напаѓа „денес доминантната идеја, бескомпромисно наметната од авторитетот на Макс Вебер, дека воннаучните интереси се надвор од самата наука и дека треба строго да се држат одвоени едни од други“. Според Адорно, во етиката на неангажираноста, во стремежот кон научна неутралност (на поимот неутралност ќе му се навратам подоцна), во прифаќањето на идејата за наука одвоена од политиката, има нешто длабоко неетичко, што е неетика на колаборацијата: „Во општество што може да се одреди како лажно, кое е спротивно на интересите на своите членови, секое знаење што им се потчинува на крутите правила на науката на тоа општество учествува во неговата лажност.“

Во ситуација

Адорно и Хоркхајмер ги формулираат прашањата со кои нужно треба да се соочи секој интелектуален и културен живот што сака да биде етички: што треба да правиме за да не учествуваме во лажноста на светот? Како да не соработуваме со неправдата? Какви облици треба да добие интелектуалната и културната работа за да придонесе кон преобразбата на светот и да стане прогресивна практика? Со тоа повторно се поставува прашањето: за што служи истражувањето? Или, уште подобро: кое истражување е корисно, а кое е бескорисно? Кое истражување е опозициско, а кое се приспособува кон системот или дури соработува со него?

Развивањето интелектуална практика според нејзините последици врз светот воспоставува нов однос кон проблемите што традиционално им се поставуваат на науката и филозофијата. Зашто ниту еден проблем не може да се разгледува од апстрактна и нематеријална гледна точка. Проблемите мора да се разбираат на нивното соодветно и локално рамниште. Одговорите на нив зависат од ситуацијата во која се појавуваат. Авторот мора конкретно да размислува за себе и за сопствената практика: не се пишува на ист начин, за исти теми и во исти облици, без оглед на светот во кој се пишува – во колонијална ситуација или во демократско општество, во време на војна или во време на мир, во околности на тероризам или без него. Политичката и општествената ситуација мора да биде вклучена не само во изборот на начините на дејствување (пишување, објавување, дистрибуција), туку и во самото определување на поимите вистина, метод и објективизација.

Со други зборови, прашањата „што е филозофија?“ или „кој метод треба да се примени во општествените науки?“ сами по себе немаат смисла. Треба да се прекине со таквиот начин на поставување прашања и тие да се формулираат поинаку. Секогаш треба да се прашуваме: „што е филозофијата во лош свет?“ или, уште подобро: „како денес, во овој свет и во овој миг, да се занимаваме со општествените науки?“

Нови критериуми за мислењето

Предлагам практиките што придонесуваат за одржување или зајакнување на системите на моќ, што ги потврдуваат и учествуваат во нивното функционирање, да ги наречеме функционални. А практиките што придонесуваат за борба против тие системи или за нивно доведување во прашање да ги наречеме дисфункционални или опозициски.

Ако е точно дека светот е лош, тогаш едно од прашањата што мора постојано да нè прогонува, на сите рамништа, и што за секој создавач на симболички добра мора да претставува недвосмислен повик на одговорност, е следново: како навистина да не станеме соучесници на системите на моќ – свесно или несвесно? Како да се замисли некаква дисфункционална практика на мислењето? Да се постави прашањето на овој начин значи светот да се внесе во епистемолошките и методолошките преиспитувања и интелектуалната и научната практика да се замислат во хоризонтот на нивните конкретни последици.

Расправата за знаењето или теоријата често е проткаена со спротивставувања од типот идеологија/вистина, субјективно/објективно, заблуда/вистина, предрасуди/знаење, ортодоксно/хетеродоксно, конзервативно/критичко, хетерономно/автономно итн. Прифаќањето етичка и политичка гледна точка го поставува прашањето до кој степен спротивставувањето функционално/дисфункционално може да понуди нов начин на ориентација во културниот простор. Тоа не мора нужно да им противречи на вообичаените категории, но овозможува со нив да воспоставиме поинаков однос, воведувајќи дополнителен регистар на испитување.

Критика на категоријата „ангажман“

Во оваа фаза од моето размислување, пред да продолжам, ми се чини важно да разјаснам и да нагласам дека, ако е точно оти пишувањето претставува гест на учество во светот, тогаш мораме да бидеме внимателни со традиционалната употреба на категориите „ангажман“ или „интервенција“, особено кога тие се користат за означување постапки на автори кои, како мене, а за разлика од другите, заземаат став во јавната расправа. Да се зборува за „ангажиран интелектуалец“, за „пристрасни“ знаења или за „интервенција во јавниот простор“ значи да се користи искривена претстава за интелектуалното поле и да се прифати наивен поглед на теоријата и практиката.

Прво, категориите ангажман и интервенција претпоставуваат – и поставуваат – граница меѓу просторот на знаењето и просторот на политиката, оти секогаш се претпоставува дека некаде се ангажираме. Следствено, поимот ангажман се темели врз верувањето дека постои расцеп меѓу производството на знаење и јавното дејствување, меѓу научната и воннаучната активност. А токму суштинскиот предизвик на едно трезвено разбирање е да се покаже дека секоја практика на општествените науки и филозофијата – без оглед дали тоа го признава или го негира – веќе е вклучена во општествената игра, ги продолжува нејзините интереси и претставува дел од борбата. Не постои „ангажман“ ниту „ангажиран интелектуалец“ – како другите да не се такви – зашто политиката е секогаш веќе тука, во секој изговорен збор.

Но, од друга страна, кога размислуваме за „ангажманот“, кога го поставуваме прашањето за интервенцијата на авторите, писателите или уметниците во јавниот простор, ние сме склони ангажманот и интервенцијата да ги конструираме како проблем, како дејствување што треба да се објасни или оправда. Така, имплицитно, неангажираноста почнуваме да ја сметаме за нешто очигледно, за референтна позиција или за став што не бара никакво објаснување.

Но, ако е точно дека, од мигот кога ќе одлучиме да пишуваме, учествуваме во производството дискурси што го обликуваат нашето разбирање на светот и сликата што ја создаваме за него, односно дека придонесуваме кон неговото обликување, тогаш најзагадочна дејност е токму неангажираноста, повлекувањето, (имагинарната) неутрализација, стремежот да го „деполитизираме“ она што го правиме.

Од Маркс до Бурдје знаеме дека еден од клучните пресврти во револуционерната теорија се состоеше во тврдењето дека не е загадочно постоењето на немири и револуции, туку отсуството на уште повеќе незадоволство, бунт и протести: зошто постои покорност, а не побуна?

Истото прашање треба да се постави и кога размислуваме за културата и знаењето: она што е загадочно е неангажираноста, идејата за неутралност, дури и фалсификувачкиот стремеж кон некаква замислена неутралност. Зошто толку многу автори настојуваат да изградат фикција на неутралност (која, како што ќе видиме, не е исто со теоријата на вистината)? Зошто постојат културни менаџери кои тврдат дека не се ангажирани – односно, во суштина, вложуваат толку многу енергија да се разангажираат и својата практика да ја усогласат со нормата „уметност заради уметност“ или „наука заради наука“? За што служат мистиката на чистото осознавање, автономијата на знаењето? Зошто постои желба да не му се служи на ништо? Загадочни се токму овие ставови на негирање, а не фактот што некои поединци претпоставуваат дека нивното знаење е дел од борбата.

Категоријата „ангажман“ или „ангажиран интелектуалец“ воспоставува перспектива во која интервенцијата се определува во однос на „неутралноста“, поставена како првичен и саморазбирлив став. Но, ако пишувањето значи ангажирање, тогаш токму ангажманот е првиот и основен гест, почетната референтна точка. Во однос на него се определува стремежот кон неутралност.

Затоа системот „неутралност/ангажираност“ треба да се замени со системот „ангажираност/неангажираност“, односно „автентичност/негирање“. Со други зборови, не треба како посебни да ги означуваме ангажираните автори, туку, напротив, неангажираните (притоа појаснувајќи дека таа категорија упатува на фиктивен и мистифицирачки став). Треба да ја сфатиме (лажната) неутралност како ангажман против ангажирањето, како негирање на самата состојба на ангажираност.

Слики: Marco De Angelis

Извор за текстот: Geoffroy de Lagasnerie, Penser dans un monde mauvais, 2017

Подготвил: Тим Дисензус

Слични содржини

Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Фотографија / Култура / Музика
Активизам / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Графички Дизајн / Уметност

ОкоБоли главаВицФото